MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Monday, December 28, 2015

Денови во декември



Има денови во декември
што мирисаат на меланхолија,
истовремено на спокој и тивок немир.
И секогаш,
и без исклучок, на тебе.

Во тие денови во декември
чувствувам дека си тука,
а уште се плашам да те побарам.
Не знам ни што би ти кажала кога
случајно би се виделе 
во овој тажен, сив град без суштина.

Освен што лажам.
Би ти раскажала сѐ.

Ќе молчам само за тоа колку пати очајно
ми требаше да ми кажеш дека
можам сѐ што ќе посакам.
Дека уште ме инспирираш.
Дека жалам што дозволив да ме заборавиш.

Има денови во декември кога постојано те сонувам.
Тие соништа се необично молчеливи.
Во нив си совршено тивок.
Како уште да чуваш некаква вина,
или како да ми кажуваш нешто важно,
а слушам само неразбирлив шепот.

Како да треба да ти се доближам за да те чујам.
Како да треба да те слушам со сите други сетила.
Како да е доволно само да те прегрнам и да молчам.

Со време стануваш некаква идеја
што ја обликувам по сеќавање.
Не ти го паметам гласот.
Заборавив како звучам кога ќе ме изустиш,
не се сеќавам како ме допираше.

Ти го паметам само сјајот во очите.
И мирисот. Уште знам како мирисаш.

И никако да ја пуштам приказнава.
Некогаш ме лути, растажува, ме смее,
ама секогаш е дел од мене.
И секогаш еднакво силно ја сакам.

Ако се препознаеш во нешто од ова,
сакам да знаеш-
никогаш немаше за што да ти простам.

Сѐ има смисла- или ќе мора да има.
Мојата лежи во она нешто
што извира од мене и денес,
и ми се чини засекогаш.
И тоа не е гнев, ни лутина.
И не е едно, и не е секогаш исто-
тоа е топлина,
вечна симпатија,
и копнеж и слобода.

А не се само некои денови во декември.


Tuesday, May 12, 2015

Единица мерка


Не знам дали има големи и мали љубови
или на едната страна стои Таа - љубовта,
а наспроти - сите лица на привидот.


Прашуваш,
си имала ли само една,
или пар мали што прават една голема?

Молчам.

Велам,
сите мои се големи,
јас ја чувствувам нивната огромност,
или тоа е само мојата,
непрестано растам во нив,
самата станувам Таа.

Сите се магични, единствени и лажно последни,
додека не се распрсне целата таа огромност
во едно бесконечно ништавило,
додека не почнам да го собирам тоа што останува - 
залчиња страст, парченца верност,
трошки внимание, прашина од восхит...

Можеш ли да ја испросиш?
Дури и да успееш, на дланка
ќе ги имаш само Нејзините трошки.


Monday, May 11, 2015

Интимност


Детски срамежливата игра со прамен од моите локни,
погледот што ги раскажува сите одмолчени приказни,
воздржаната воздишка што никако да го крие немирот,
нескриениот копнеж во погледот
што зборува повеќе од се досега изустено.

Што е Таа?

Не доаѓа завиткана во претенциозни изрази,
нема да ја препознаеш во телесната обземеност,
Таа, толку дискретна во својата суштина,
толку совршена во својата едноставност,
се крие во цврстиот стисок на дланката,
во сите ненадејни и меки шепоти,
во бакнежот во чело кога мислиш дека спијам,
во најцврстата прегратка среде ноќ,
од оние што ветуваат вечност.

Таа е сите несмасни обиди да ми кажеш што сум ти.

Tuesday, November 5, 2013

Randomly two

НЕГОВИТЕ

Темнозелени, длабоки
зеленосиво обоени понекогаш
или едноставно црни, но и кафени напати
или натопени во златносончева боја
утрово се искраднале од својот сон
се отвориле предвреме
за да го уловат мојот во кој ги има непрестано
тие што не им ја знам правата нијанса
но совршено им го препознавам сјајот кога потонуваат во моите.
Уште не сум ги отсонувала.

*             *             *
СЛУЧАЕН

Како несмасен бакнеж
што завршува на очниот капак,
а се упатил кон мојот образ.
Така ненамерно спонтан и смешен.
Така случајно длабок.

Најмек и најтопол.

Thursday, October 31, 2013

Знаме на крајот

ЗНАМЕ НА КРАЈОТ

Белото знаме што молкум го подигнавме зјае подгризано
како да чека да си признаеме една неумесна игра
трепери чекајќи некој од нас да ги собере парчињата храброст
расфрлени околу него
и откорне пред да попушти пред ветришта на туѓ срам и каење.

Помалку топло и со нескриен срам ги одмолчува овие краеви,
немоќна пред сопствената совест и другиот спроти себе
всушност вришти во молкот,
проѕирниот превез врз нејзиниот сопствен страв.

Има една секунда што одѕвонува како ехо во бесконечноста на сопствената немоќ
тогаш кога двајца решаваат една приказна да заврши со точка.

наместо со запирка или извичник,
кои поинаку би ја обоиле бајката што повеќе не е тоа.
Заради точката.
Што требаше да биде најмалку запирка

Тогаш сеќе беше поинаку испишано и возбудливо раскажано,
да немаше толку точки помеѓу нив што така суптилно го сликаа крајот.

Наместо тоа, стотина извичници и уште стопати по толку запирки внатре во нив,
неизвикани, несопрени, ќе гнијат изобличувајќи го тоа идно засекогаш.

Постои еден најпоследен и најтажен миг
што потсвеста упорно го отфрла како неважен
токму пред да станат и да заминат,
потклекнувајќи пред тежината во воздухот
среде бура од зборови и по некоја солза,
не кажуваат ништо, гледаат наземи, настрана,
за да заврши што побргу таа секунда што трае предолго,
кога не сакајќи би го погледнале во очи оној со кој требаше да истрчаат се...

од утре во нив мора да видат странец.