MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Friday, August 20, 2010

Еден...


Познавам еден,

само еден

што ги запозна

сите мои бои,

а самиот

во мене тлее

сив, безличен, ист...

Единствено тој,

најповеќе заслужи

да се провлече

во неколку редови,

по малку патетични,

да биде споменат

заради неговата суштина,

заради храброста

да стои до мене,

и тогаш кога ми

е најмалку потребен.

Оној,

кој од срушеното минато

трпеливо гради

сегашност за двајцата,

кој не се плаши

да не сонува нас

онака силно

како првиот ден...

Кој знае дека еднаш сме се случиле

и еве, повторно се случуваме...

Истиот тој

ја знае најдобрата јас,

која ненамерно

ама постојано

заборава да му го подари

заслуженото внимание.

Ова е моето

ситно,

стушено,

скромно,

Благодарам,

за оној

кој ги познава

сите мои нијанси,

сите изрази и расположенија,

и ги следи со детска љубопитност...

Ти, што во целата своја наивност

и понатаму веруваш во нашата иднина,

сметај го ова за еден мал изблик на благодарност.

Можеби не е вистинскиот,

но сигурно е најинтимниот,

и несомнено, најискрениот.