MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Monday, September 17, 2012

Пат


-Оттука одам сама - изусти треперејќи, а некаква загадочна одлучност сепак се наѕираше во нејзиниот глас, небаре овојпат вистински го мисли тоа.
Не сака и не може да го гледа како ја прима оваа долго смислувана реченица што мораше да му ја каже. Не сака да му го прочита лицето; не сака да види ни разочарување, ниту олеснување. Сака да замине.

Реченицата е сосема точна, за разлика од моментот. Тој воопшто не е; впрочем, ако нешто не научи, тоа е да избира моменти. Не знае да ги погоди. Други нешта, да, и тоа сосема добро – луѓе, денови, места, емоции... моменти, не.

А и не е далеку од суштината на она што го изговори; веќе подолго време некоја неодолива потреба да биде сама преовладува, без никакво објаснување; се мушнала некаде длабоко внатре, никако да излезе...само ја подрива, ја притиска.


Ни сама, ниту осамена, ни заљубена, ниту засакува...Неприродно, во секој случај, си мисли. Како делуваат луѓе вака празни?

Живуркаат.

Постои ли некаква состојба во која човекот е само нем посматрач, без трошка од некаква емоција?

За првпат не знаеше каде ќе ја одведе ова ментално безделничење, а и престана да и биде важно. Само да е подалеку од овде.

Оттука одам сама...се слушна не само себеси, го слушна и гласот однатре, внатрешниот порив, она што ја охрабри да го изусти ова...полека почна да се оддалечува одложувајќи ги солзите за подоцна...залудно.

Чудно чувство на леснотија, баш тоа ја обзеде.

Ете, животот, баш онака како што еднаш ненамерно посака, и даде можност да го изусти ова неколку пати, небаре така ќе собере сила, ќе се воздигне над мигот. Не разбира дека за сето време тој ја проголтува одново и одново...Иако, си мисли, во ова има некаква перверзна, одвратна мазохистичка магија. Се згади од самата помисла.


Само, си мисли, ќе дојде мигот, во едно идно непределено, истиот оној што секојпат ја проголтува, е тој, ќе се врати како ехо, неразбирливо ехо што ќе ѕвечи во воздухот, а никој нема да го чуе.


Е, овој страв ја разобличува секој ден.