MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Saturday, September 10, 2011

Догледање




Време е да ти кажам догледање
до нашата нашата идна средба
во некоја недогледна иднина
знаеш, таа мора да се случи,
тогаш кога веќе сме се откажале еден од друг.

Запомни,
ќе се сретнеме овде
во овој претесен, стушен, тмурен град,
зошто ниту еден друг не би не разбрал,
сегде би биле само странци,
тука сме само свои,
или само туѓи,
сеедно, биди подготвен
за една широка насмевка
што ќе те пречека во некое сиво дождливо утро,
сосем случајно во центарот на градот,
се сеќаваш,
еднаш центар на нашиот заеднички универзум.

Немој да те препадне
прегратката
на една личност
среќна што те гледа,
среќна за сопствената среќа,
или беда, или и двете, сеедно,
таа одамна знае,
нечиј живот за некого е среќа, за друг беда,
за неа сопствениот е само тоа, живот.
Еден и еднинствен. Ѕвезден. Прекрасен.

Тогаш, не ја одминувај, ќе пропуштиш
едно озарено лице,
по малку празен и неудобен дијалог,
ќе сакаш да си заминеш

Но само за миг, погледни,
ќе ја сетиш топлината на еден поглед
ист, помалку уморен,
повеќе истрошен,
а ако не си го заборавил јазикот на кој говори,
ќе ти прошепоти
за секој миг поминат со некој туѓ,
пријател, непријател, љубовник, хипокрит
за сите трошки
љубов, бес, радост, болка...
тогаш совршено ќе знаеш
дека оваа замислена средба морала да биде

Запомни, еден ден ќе ме пронајде
твојот смарагден поглед
среде толпа од безлични лица,
тоа ќе биде волшебен миг,
единствениот што не зависи од нас...

Дотогаш, тоа лице му се насмевнува на светот.
Сака да ги пречека сите насмевки околу себе.

Да им се израдува на сите сонца.