MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Sunday, January 30, 2011

Стани тоа што си! (...или, „Кога Ниче плачеше“...)

Октомври, 1882 година, Венеција. Кога истакнатиот доктор Јозеф Бројер ќе добие писмо од Лу Саломе во кои инсистира да се сретнат, воопшто не насетува по таа средба дека неговиот живот ќе добие сосема поинаква насока.  Запрепастен од храброста на младата Саломе, не успева да одолее на инсистирањето да се сретне и да му помогне на нејзиниот драг пријател Фридрих Ниче, кој според неа, обесхрабрено и во очај ги одбројува последните денови од својот живот. Интригиран од сликовитите појаснувања на оваа девојка, помалку неволно се согласува на средба со Ниче во Виена, а потеклото на инцијативата за истата мора да остане тајна.
Односот на Бројер и Ниче, иако на самиот почеток го подразбира оној на доктор-пациент, е се само не тоа. Врската помеѓу нив двајца во текот на „терапијата со разговор“ се продлабочува, се менува, се изместува, се прекинува, за повторно да се создаде во еден нов облик, однос на учител-ученик, и попусти се обидите низ редовите да дефинираме кој е едниот а кој другиот...

Првенствено ангажиран да ја разреши мистериозната здравствена состојба на Ниче, Бројер полека сфаќа дека личноста на која и е потребна помош е самиот тој. Очаен да го спречи во обидот да си замине, Бројер го убедува Ниче да остане, првенствено зошто очајно му е потребно неговото присуство во обид да си помогне на самиот себе.

Кога ќе стигнат до точката каде ќе решат дека се тука и овде за да си помогнат еден на друг, под превезот на спроведувањето на една интересна идеја, Ниче ќе го соочи Бројер со темната страна на неговиот карактер, и тука започнува патот на соочувањето со внатрешното Јас, со најдлабоките тајни на сопственото битие, на животната битка со самиот себе, единствената во која нема победник.   

Ова е приказна за плачот на неразбраниот, осамениот и напуштениот Ниче, мислителот кој одважно верува како времето во кое се родил не му припаѓа, оној кој творел, свесен дека ќе остане неразбран уште долго по неговото постоење. Но и приказна за една поинаква димензија на очајот на опасно умните битија, четиво што тешко се „џвака“.

Ова е и роман за себепронаоѓањето, за демоните на духот, и за сопствените интимни битки со нив, и затоа, неизбежно се наметнува императивот кој се провлекува во неколку наврати низ редовите, а кој треба да се потрудиме да го примениме: Стани тоа што си!