MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Sunday, July 22, 2012

Стварни и нестварни

Уште ми одѕвонува
еден збор што одбивам да го изустам,
се плашам
најпосле ќе поверувам
во се она што требаше да значи
ако не сум заборавила што бевме тогаш,
а каде сме сега.

Не грижи се, она што имав да ти го кажам
нема да го дознаеш,
тоа веќе си го кажав самата на себе,

и оттаму продолжив.

Некако вака-

Ако зборуваме за реалност,
имам чувство,
бев пореална
од било која што може да ја сретнеш,

користам реални зборови,
ме опкружуваат реални ситуации
и премногу стварни лица,
намќори, лицемери, насмеани, вистински
и опипливи,

во оваа стварност опстојувам,
освен што одбирам да не живеам во неа.

Живеам во некоја сопствена нереалност.

Е, јас и ти одамна живееме само во мојот ум, на безбедно.

Не знам за твојата стварност, таму одамна ме нема,
ама верувам во онаа што јас ја создавам,
секојдневно, одново.

Затоа не грижи се,
еве овојпат те пуштам
да се доближш во оваа моја реалност,
пробај на момент да замислиш
како ти го шепотам следново-

Знам,
нема никогаш да се спогодиме
за тоа што бевме,
а тоа и не е најважно
колку што е она што сме сега
и што ќе бидеме понатаму,
затоа, нема потреба да бидеме предалечни
зошто и онака бевме нестварни, зар не?

Saturday, July 21, 2012

Улички

Тоа се едни улици
во кои мугрите имаат поинаква боја,
додворувањето зрачи со поинаков шарм,
а бакнежите траат цела вечност.

Улици
кои чуствувам
ги створиле за да ја издржат нашата лудост
со тесни премини, доволни
само за две силуети стуткани во прегратка.

Улици помалку мрачни,
а светат најсилно кога
единствените минувачи во ноќта сме ние,
се сеќаваш?

Токму низ една од оние наши поминав пред малку,
повторно
чувство што само таму го имам,
истото она од тогаш,
она што времето не му може ништо,

Никако,
па тоа чувство е херој
на онаа приказна,
најпосле, тоа време е и сега, и ќе биде и понатаму,
знаеш и сам, ќе се јави секој пат кога некој од нас
ќе залута низ тие премини што собираат само двајца...

Веќе сме со други, секако,
веќе сме други,
но таа тивка осаменост што подринува однатре,
тој тивок потстанар што лута во мислите,
молчешкум трае
и потсетува
на оние силуети што веќе одамна не се исти,
на оние што веќе ги нема.

Monday, July 16, 2012

Вистинското

Знам,
ќе осамне едно утро
поинакво,
посветло од сите други,
ќе огрее едно сонце
ќе ме заплиснат неговите зраци
во нив ќе се собере целата волшебност на тој ден.

Погледот ќе ми го украде едно небо
посино од било кога,
синило што ќе ми го озари лицето,
ќе ми искраде насмевка.

Не знам кога ќе се случи ова
и не знам откаде ова чувство
оваа сигурност,
знам,
ова некој одамна ми го ветил
всушност,
мене ми припаѓа отсекогаш
ова право на ваков ден.

Чекам со нескриен копнеж,
со трепет што ме подига од тлото,
ме држи исправена,
ме прави пожива од било кога.

Знам,
тоа ќе биде денот
кога повторно ќе почувствувам
една дланка испреплетена во мојата,
нејзиниот цврст стисок
ќе замени илјада неискажани мисли
ќе ме увери дека постојам
заради тој преплет на дланки,
заради целината што тие ја чинат.