MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Sunday, December 5, 2010

Кратка, најкратка проза

Леснотијата на заборавот на минливите, сосема незначајни моменти од вчера е токму онаа нишка која проклето ни недостасува во обидот да ги надминеме ситуациите во кои се наоѓаме, во кои нашата волја често е нем гледач во публиката, немоќен да дошепне реч на спас, панично прета во обид да крикне, ама попусто. Бремето кое упорно не притиска би можело лесно да исчезне ако, наместо да се изгубиме во очајот на затеченоста, се обидеме да се сетиме токму на таа едноставна вештина, или подобро уметност на заборавот (денес, ваквата алатка на сопственото „Јас“ се издигнува на ниво на уметност, неразбрана од поголемиот дел битија на Земјава). Вештината во разликувањето на важното и она помалку од тоа е резервирана за мала публика сочинета од оние ретки, будни души кои се осудени да го делат истото тло со останатите. Сите останати, претпоставувам, обично биваат проголтани во вителот на туѓите секојдневија, каде преживуваат хранејќи се од туѓите приказни, среќни и несреќни, и така исполнети, духовно нахранети, се безобразно задоволни од себе.