MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Friday, November 26, 2010

Сенки


Удобно затскриени
во сенката на останатите,
се криеме мислејќи,
таму е  местото каде
не можеме да погрешиме,
зошто таму не сме ние,
таму се некои наши олицетворенија,
таму го живееме животот на другите,
на сите други, освен нашиот,
и никогаш не ќе се разбудиме
од привидот наречен туѓ живот,
зошто не можеме да ја спознаеме
смислата на вистинското Јас.

Се прашувам,
до кога ќе бидеме други,
до кога ќе талкаме во приказните
на останатите,
наместо да создаваме свои,
најпосле,
до кога ќе сонуваме други соништа,
немајќи сопствени,
и дали еднаш, само за момент
ќе се разбудиме и
ќе ѕирнеме во нашата душа,
запрашувајќи се кои сме...
За оттаму да го
отпочнеме патот
кон откривањето
на сопствената суштина.

Sunday, November 14, 2010

Дожд


Двајцата го сакаме

намуртениот свод,

празните тротоари,

глувите улици,

и дождот

што целосно не водени,

и нашите насмеани лица

среде бескрајното сивило...


Додека неумесно се бориме

со вирчињата под нашите чекори,

за момент го гледам

твоето озарено лице,

на него има една огромна насмевка,

искрена, топла,

безгрижна...


Ми се чини,

ја разбирам мојата среќа,

која можеби не е во тебе самиот,

туку во овие мигови на безгрижност.


Зошто го сакам дождот?

Зошто тоа е возвишен обид на природата

да ги исплакне уморните души,

да внесе свеж здив во опустошените срца...


Ако умееме да ја сфатиме

нејзината порака,

тоа и ќе се случи...

Sunday, November 7, 2010

Исидора

Зборовите и одѕвонуваа во глава...„Биди спокојна, повеќе немаш причини за гнев, Исидора. Не остана ништо од болката која те подринуваше однатре со години. Зошто, повеќе нема никој покрај тебе. Се е готово“.

А токму тоа ја мачеше. Штом некој нагло ќе заминеше од нејзиниот живот, чувствуваше како да се брише дел од неа. Дозволи да се идентификува преку другите, долго време живееше туѓ живот, а дури сега стана свесна за тоа. Секојпат кога ќе посакаше да избрише некого од животот, сфаќаше дека брише дел од себе, од својата суштина. Штом еднаш ќе одлучеше некого да заборави, горливо заклучуваше дека мал дел од неа исто така оди во заборав...

За напуштањето и заборавот...и истите прашања на старата Таа: Од каде ли чувството дека повеќе те напуштаат отколку што напушташ? Што е тоа кај тебе што е неиздржливо?

Сфати...неиздржливото е таа самата. Одамна престана да се обвинува за фактот што ја напуштаат, сега почна да смета дека така е најдобро. Тоа е најдобрата услуга што и ја направија. Со секое заминување, таа растеше за една доблест плус во јадрото на сопственото Јас, за една карактерна црта повеќе. За секое едно „Збогум“, таа насмевнато дочека десетици „Здраво“. Впрочем, помисли таа, има ли поголем подарок од секојдневната неизвесност?

А за тие што ги напушти, одамна нема место ни во умот ни во срцето. Тие можат да живеат само во некоја слика, во албумот што стои на последната полица, бутнат под купиштата стари материјали и скрипти, албумот што кај и да е ќе го фрли...или ќе ги препознае во некој дамнешен подарок што веќе ја изгубил својата вредност и пред да биде подарен, зафрлен во некоја фиока, кој кога и да го здогледа, се прашува зошто веќе не го добил заслуженото место, меѓу отпадоците...

И полека, почна да се обожува себеси. Конечно, подобро да се биде егоист отколку уништувач на сопствената судбина. И онака смета дека егото ќе ја одведе многу подалеку, отколку самосожалувањето, кое ја одведе на места, длабоко во себе, што сака засекогаш да ги заборави.