MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Friday, March 1, 2013

Шепот


Се среќаваме стуткани
неспретно
во глуво доба
во хоризонтала
Еј, кај си ти?
Еј...
пред да раздени сосем
ми станува јасно
зошто само вака сме мирни
зошто сме несмасни кога сме исправени

Ми станува претесно и
неволно станувам на кратко
ѕирнувам низ прозор
всушност целава мала претстава
ја правам за да те намамам

чекам да ми оставиш
безброј невидливи белези
да ме припиеш кон себе
да шепотиш сешто
и да ме допираш
како да го допираш светот

Ајде раскажи ми ги
сите твои краеви
се’ што не си сторил,
се’ што си сторил и бескрајно се каеш,
еве
јас сум совршено мирна
и тотално на чисто со се што ќе изустиш
(но спокојот во моите очи е само привид)
послушно те одобрувам
молчам
додека и самиот не замолчиш

Кажувам некоја божемна вистина,
велиме, да, нашиот багаж е само тоа,

Еј, па никој не е совршен,
Еј, се раздени...

Во следниот миг спиеш,
а јас мислам за се’ она што кажа
и веќе ова ме совладува
слушам како неправилно дишеш
и сфаќам како е крајно неудобно да спиеме гушнати

конечно подзаспивам и јас
со ветување до себе си дека утре ќе мислам
до најмали подробности за се’ што изусти

Те будам со прашање
што го смислив во полусон,
истовремено мислејќи
дали се’ уште има крвоток во деснава надлактица,
се смееш гласно и од срце
ми возвраќаш со нешто сосема трето
ама ми се чини доволно,
а потоа ме допираш
како да го допираш светот
и ми шепотиш,
непрестано и неразбирливо
во еден здив
и потпевнуваш глупости од вчера.
Сите глупости што ги сакам.