MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Monday, December 28, 2015

Денови во декември



Има денови во декември
што мирисаат на меланхолија,
истовремено на спокој и тивок немир.
И секогаш,
и без исклучок, на тебе.

Во тие денови во декември
чувствувам дека си тука,
а уште се плашам да те побарам.
Не знам ни што би ти кажала кога
случајно би се виделе 
во овој тажен, сив град без суштина.

Освен што лажам.
Би ти раскажала сѐ.

Ќе молчам само за тоа колку пати очајно
ми требаше да ми кажеш дека
можам сѐ што ќе посакам.
Дека уште ме инспирираш.
Дека жалам што дозволив да ме заборавиш.

Има денови во декември кога постојано те сонувам.
Тие соништа се необично молчеливи.
Во нив си совршено тивок.
Како уште да чуваш некаква вина,
или како да ми кажуваш нешто важно,
а слушам само неразбирлив шепот.

Како да треба да ти се доближам за да те чујам.
Како да треба да те слушам со сите други сетила.
Како да е доволно само да те прегрнам и да молчам.

Со време стануваш некаква идеја
што ја обликувам по сеќавање.
Не ти го паметам гласот.
Заборавив како звучам кога ќе ме изустиш,
не се сеќавам како ме допираше.

Ти го паметам само сјајот во очите.
И мирисот. Уште знам како мирисаш.

И никако да ја пуштам приказнава.
Некогаш ме лути, растажува, ме смее,
ама секогаш е дел од мене.
И секогаш еднакво силно ја сакам.

Ако се препознаеш во нешто од ова,
сакам да знаеш-
никогаш немаше за што да ти простам.

Сѐ има смисла- или ќе мора да има.
Мојата лежи во она нешто
што извира од мене и денес,
и ми се чини засекогаш.
И тоа не е гнев, ни лутина.
И не е едно, и не е секогаш исто-
тоа е топлина,
вечна симпатија,
и копнеж и слобода.

А не се само некои денови во декември.