MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Thursday, October 31, 2013

Знаме на крајот

ЗНАМЕ НА КРАЈОТ

Белото знаме што молкум го подигнавме зјае подгризано
како да чека да си признаеме една неумесна игра
трепери чекајќи некој од нас да ги собере парчињата храброст
расфрлени околу него
и откорне пред да попушти пред ветришта на туѓ срам и каење.

Помалку топло и со нескриен срам ги одмолчува овие краеви,
немоќна пред сопствената совест и другиот спроти себе
всушност вришти во молкот,
проѕирниот превез врз нејзиниот сопствен страв.

Има една секунда што одѕвонува како ехо во бесконечноста на сопствената немоќ
тогаш кога двајца решаваат една приказна да заврши со точка.

наместо со запирка или извичник,
кои поинаку би ја обоиле бајката што повеќе не е тоа.
Заради точката.
Што требаше да биде најмалку запирка

Тогаш сеќе беше поинаку испишано и возбудливо раскажано,
да немаше толку точки помеѓу нив што така суптилно го сликаа крајот.

Наместо тоа, стотина извичници и уште стопати по толку запирки внатре во нив,
неизвикани, несопрени, ќе гнијат изобличувајќи го тоа идно засекогаш.

Постои еден најпоследен и најтажен миг
што потсвеста упорно го отфрла како неважен
токму пред да станат и да заминат,
потклекнувајќи пред тежината во воздухот
среде бура од зборови и по некоја солза,
не кажуваат ништо, гледаат наземи, настрана,
за да заврши што побргу таа секунда што трае предолго,
кога не сакајќи би го погледнале во очи оној со кој требаше да истрчаат се...

од утре во нив мора да видат странец.