MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Wednesday, April 11, 2012

Фактор Судбина („Скршениот шестар“)

Драмските текстови ми се посебен предизвик за читање. Уште поголем ми се делата што ги создаваат луѓе што лично ги познавам, па оттука ми е полесно да го согледам контекстот, да разберам „што сакал да каже писателот“.
Ама несомнено најголем мерак имам на дела од наши автори, зошто поглемиот дел се незивикани, некако затскриени и неправедно подзаборавени од читателската публика на која е полесно да и продадеш боранија од типот „Калуѓерот што го продаде своето ферари“, „Паметни жени-погрешни избори“ и слични лимонади. Кога станува збор за малку посериозна постмодерна, обично сме боси. Си молчиме. Мудро. Среќа не сите.
На книга се радувам најмногу од се. Па уште и подарена, е, таа е најдрага. Еве ме!
„Скршениот шестар“ ме освои од прва. А всушност така и се чита, во еден здив, без прекин, а се остава да „легне“ доста подолго. Си велиш, лесно четиво (повеќето можеби наивно веруваат дека драмските текстови тоа и се, со оглед на формата), но ништо не правиш ако не успееш да го развиеш на своја сопствена сцена, во твојот ум. Почнувам.
Ни малку случаен наслов, ни малку безгрижно одбрани ликови, но мене ми паѓа во очи и страшно ми годи целава оваа сатира, така вешто спакувана во скопските финти. Не се ова обични пингвини, не, тие се наше огледало, симбол на оваа наша Патагонија! Тие се јас, ти, нашата сегашност и иднина, наша реалност во која пливаме како знаеме и умееме. Судбина? Или неспособност?
Ова е и краток час по историја, комично склопен за да биде полесно сварлив. Неа и онака ја создаваат „веќе знаеме кои“.
Ми се допаѓа што оваа модерна бајка во осум чина морализира мошне суптилно, дискретно, ненаметливо навлегува во суштината на денешната реалност на ова наше општество, па така остава простор за различни толкувања, за кои сум сигурна дека на крајот ќе се сведат на исто. Една универзална порака до сите.
Колега Манџук, еве, деценија и кусур подоцна, ти честитам на сработеното. Очекувам уште прекрасни дела што ќе ја осветлат оваа наша книжевна сцена под сенка. Ти благодарам на подарокот и секое добро!

П.С. Некако чувствувам дека подогло време сум и самата „под сенка“...ама решена сум да го исправам тоа набргу...одам на малку потопли места, и се гледаме за брзо. Среќни празници!