MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Thursday, February 21, 2013

The art of crochet (my very first steps)

Хеклање. Да пополнам слободно време, заради занимација, а и она што излегува како краен производ ептен ме радува. Секако и многу топли :) Мене ми е супер хоби!

На youtube може да се најдат еден куп примери, идеи и предлози за почетници и тие повеќе од тоа. Јас сум секако на самиот старт... :)

Мини шалот (на колажот подолу, во виолетова и бело-тиркизна варијанта) со многу интересна плетка ми се чинеше доволно инспиративен како за почеток (плетката што следува во линкот според мене е супер за почетници), а за цветот како додаток, мора да предупредам, треба малку повеќе трпение и броење :) Или бар мене така ми се чинеше...Како и да е, мислам дека крајниве производи се и повеќе од задоволителни :)



http://www.youtube.com/watch?v=eXXgI3DcsSw

Monday, February 18, 2013

Пред да остариме



Пред да остариме
сакам да ги имаме сите мокри улици на дланка,
уште повеќе – сиот град
во саатите што ветуваат
цел куп спомени
за кога ова ќе биде еднаш
да не стоплат и потсетат
колку силно го дишевме овој асфалт,
што не’ не проголта,
оној што не’ израсна

Пред да остариме,
сакам да ја имаме целата храброст на овој свет
да повлечеме рез онаму кај што треба,
толку прецизен
што ќе го погоди оној
наш удобен кожурец 
и ќе не’ извлече
изменети до непрепознавање

Пред да остариме,
сакам да сакаме до болка
секој еден пат
до последно, до крај, до безилезност, до ќорсокак
до таму кај што ќе кажеме „нема каде“
и да плачеме до изнемоштеност,
и пак да сакаме одново и посилно

Пред да остариме
сакам да го задржиме целото достоинство-
она во кое лежи суштината на мене и тебе,
да откриеме дека чекорот со крената глава
има најголема важност

Пред да остариме
сакам да сфатиме колку е значајно да сме среќни
да се договориме дека мора да сме такви
и ништо помалку од тоа
да ги срушиме сопствените идеали
за да изградиме нови и поубави
и да живееме од нив, а не од правила

Сакам староста да е само концепт во нашите глави
што постојано гордо ќе го отфрламе како најголема глупост,
а во меѓувреме ќе си останеме дечишта засекогаш

Сакам,
ако решиме да трчаме заедно кон неа,
да го сториме тоа со страст, непоколебливо
аристократски
со дигнитет што занемува
да се држиме за рака и да си ветиме дека сме пријатели
што ќе бидат тоа и кога ќе престанеме да се сакаме

Сакам да трчаме насмеани,
и расплакани,
и повредени
напуштени,
и поразени.

Ама растрчани.
И најпосле среќни.

Зошто ќе трчаме по оние мокри улици од сега,
имајќи ја целата храброст на светот
сета љубов и достоинство што човек може да ги замисли
и пријателство што не може.
Двајцата, држејќи се за рака.