MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Saturday, September 10, 2011

Догледање




Време е да ти кажам догледање
до нашата нашата идна средба
во некоја недогледна иднина
знаеш, таа мора да се случи,
тогаш кога веќе сме се откажале еден од друг.

Запомни,
ќе се сретнеме овде
во овој претесен, стушен, тмурен град,
зошто ниту еден друг не би не разбрал,
сегде би биле само странци,
тука сме само свои,
или само туѓи,
сеедно, биди подготвен
за една широка насмевка
што ќе те пречека во некое сиво дождливо утро,
сосем случајно во центарот на градот,
се сеќаваш,
еднаш центар на нашиот заеднички универзум.

Немој да те препадне
прегратката
на една личност
среќна што те гледа,
среќна за сопствената среќа,
или беда, или и двете, сеедно,
таа одамна знае,
нечиј живот за некого е среќа, за друг беда,
за неа сопствениот е само тоа, живот.
Еден и еднинствен. Ѕвезден. Прекрасен.

Тогаш, не ја одминувај, ќе пропуштиш
едно озарено лице,
по малку празен и неудобен дијалог,
ќе сакаш да си заминеш

Но само за миг, погледни,
ќе ја сетиш топлината на еден поглед
ист, помалку уморен,
повеќе истрошен,
а ако не си го заборавил јазикот на кој говори,
ќе ти прошепоти
за секој миг поминат со некој туѓ,
пријател, непријател, љубовник, хипокрит
за сите трошки
љубов, бес, радост, болка...
тогаш совршено ќе знаеш
дека оваа замислена средба морала да биде

Запомни, еден ден ќе ме пронајде
твојот смарагден поглед
среде толпа од безлични лица,
тоа ќе биде волшебен миг,
единствениот што не зависи од нас...

Дотогаш, тоа лице му се насмевнува на светот.
Сака да ги пречека сите насмевки околу себе.

Да им се израдува на сите сонца.

Sunday, August 28, 2011

It's been a while...

Морам да признаам дека бев исклучително недисциплинирана изминативе неколку месеци :( Секако, можам да најдам еден куп причини зошто не се сетив да „избришам прашина“ на блогов, ако не со нешто свое, тогаш бар со нешто туѓо, позајмено, инспиративно...и додека смислувам оправдувања, еве едно што ќе зборува место нив.



Dazzled

I’m still learning how to cherish
Those tiny little bits of joy,
That perpetual flood of overwhelming harmony
That we share under the sheets of the raining nights…

I sometimes pray,
Silently, whispering countless, often meaningless words of despair,

I sometimes pray,
Silently, in fear of voicing the deepest wish of all
The unimaginable
The unspoken
The unbearable
Wish beyond reason
Crystallized deep within my being
But then, I always pause in shiver
wondering,
If this is really a state of love,
An infatuation,
Or merely a wishful thinking?

Tuesday, April 19, 2011

Сосема обично и ништо повеќе

Упорно се протега речиси петнаесетина минути низ чаршафите, и и доаѓа мака од помислата дека треба да го напушти топлото легло и да се впушти во дождливото утро, којзнае кое по ред во последните неколку недели. Ама не е таква, не е дежуренкенкач“, ниту жртва на околности, не цимоли на секоја намерна сопка, но, ете, денес просто не и се станува од кревет. Одамна не била вака насамо со себе, и реши дека нитуHere comes the Sunнема да помогне во целава облачна ситуација. Ќе лежи и ќе се протега до кога сака. Се останато може да почека...

Тогаш, штом си дома, Мајда, барем не зјапај низ прозорецот со стушен поглед и навлажнети очи, небаре Тој горе ќе се смилува на твојот тажен израз и ќе го испрати Сонцето само за да те расположи! Подобро фати се за работа...Време е за твојата омилена гимнастика-онаа на умот!

Добро го познава внатрешниот глас, и уште подобро го слуша, само во последно време како да остана премногу глува за да ги чуе врисоците однатре, премногу слепа да ја здогледа  верната сенка на својата Совест крај себе, а толку силно ја чувствуваше, и сосема нема за да ги замолчи сите безначајни ликови кои и ги трупаа деновите...

Ајде, кога веќе почнувам со гимнастика, што е првото на листа? Проветрување! Пролетно и тоа! Ова просто „плаче“ за Norah Jones. Одиме со Norah, и грабаме се што не ни се допаѓа во собата…Хм...значи, што е она што одамна требало да заврши било каде, само не овде? Да речеме, одредени предмети на коиим прошол векот“...да, оние од луѓето на кои изгледа предолго се задржа, м, Мајда, така ли е? Ајде да видиме, што имаме на пладневниот репертоарКако најлесно да се ослободите од глупостите во неколку едноставни чекори“!

Значи, со ред. Прво, посветите. Од ониенајдобри-најблиски-најискрени-најнајнај другарки (претшколски, школски, средношколски/факултетски....) да видиме, има доста. А да, квази-другарки, една што излезе со твојот поранешен, друга чијшто омилен утрински ритуал со кафето е муабетот за тебе, која просто не пропушта прилика да те исплука секаде каде ќе стигне, (што е доста симптоматично, во недостатокот на сопствен живот, луѓе треба да се занимаваат со туѓите, нели?) трета што излезе со токмакот кој едно време мислеше дека ти е дечко...Хм, еве ја нејзината посвета: Ти посакувам многу љубов, среќа, бла...бла...среќна сум што се познававме на патеката наречена младост! Бесценето! Да, и Мајда е среќна. За истото и тоа. Наеднаш стана и се затрча по ножиците.

Постои некоја неверојатна леснотија при збогувањето со работите кои едно време си ги чувал како некоја светост. Сега се само куп глупости од кои човек треба што поскоро да се ослободи.

Следно на дневен ред, сите возможни подароци од поранешните. За волја на вистината, и не беа нешто дарежливи. А да не зборуваме за креативни...Греота. Кога сме веќе кај подароците, ќе ги искористи овој момент да си сипе малку мартини, иако е само 10 часот, ама што дека, ова нели е нејзино утро, токму во една од чашите што ги доби на подарок пред неколку години, со ветување дека во прва наредна прилика, тие двајца ќе залијат со нешто жестоко. Ха! Да се обложиме во еден расказ дека „филмот“ никогаш не се оствари?

Ете така, сега ќе си пивне од чашата за мартини, сосема задоволна ќе ужива во благиот вкус и ќе се смешка загадочно, мислиш ја добила војната со спомените. А знае таа сама, само не признава, оти таа војна нема победник, тоа е однапред изгубена битка. Ама не, денес не е така, денес се наздравува за победата над сите возможни вчерашни глупости, па макар била и пирова! На здравје, Мајда!

Следното е врв на се. Почна да се кикоти толку ненадејно и гласно што малку недостасуваше да се задави со голтката мартини што ја отпи секунда пред да го здогледа подарокот кој тогаш многу ја израдува. А сега ја изнасмеа од срце! Но што е тоа што толку ја развесели? Книга со тематика која нема ама никаква допирна точка со нејзините интереси. Книга, која да речеме, еве чисто онака, е буквално научна фантастика за Мајда! И се би било во ред, ако некогаш, бар онака случајно, спомнала дека таа, каква што е, и каква што ја познаваат оние што се потрудиле да ја запознаат, би ја интересирало тоа. Секако не беше така. Затоа и кај неа тлееше тој необјаснив гнев кон оној што и ја подари. Веројатно бил подеднакво заинтересиран за неа како и самата таа за онаа проклета научна фантастика! Или можеби во целиот недостаток на волја, решил да и го подари првото нешто што го купил за себе. Каква брилијантна идеја
Долго мислеше дали да му ја прати по пошта, со некаква картичка со патетична корица во која културно ќе му се извини за тоа што не ја испратила книгата порано, зошто знае, најмногу од се на светот знае, колку му недостигала таа проклета книга уште пред да и ја подари! Греву еден, не ја добиваш назад! Има да ги краси полиците на еден нејзин пријател кој „откачува“ на такви книжулиња.

Следуваат споменарите. Тука застанува. Помина неколку минути не помрднувајќи го погледот од пожолтената корица на речиси сосема искинатата тетратка. Колку и да сакаше да заборави на одредени работи, го отвори за намерно да се прочита себе си пред неколку години. Малку е застрашувачки да се чита, особено со онаа горчливазрелосткоја мисли дека ја поседува денес, ама знаеше, и тоа премногу добро, дека сите тие имиња на симпатии, сите ништожни глупости напишани за време на одморите, за време на бескрајно напорните часови (лаже, сите до еден и беа интересни, ама не признава!) тоа е таа самата. Наеднаш ја обзеде силно чувство на меланхолија. Ќе ги остави, ќе ги скрие некаде најдолу од плакарот за да не ги гледа секојдневно, само тогаш кога нешто ќе ја пецне да пробуричка за да се пронајде себе и да се потсети. Се стресе. Зошто, ако ги фрли, ќако да се фрлила самата.

И тогаш застана и сфати дека нема потреба да се избрише се. Напротив, спомените се тука за да ја потсетат на еднаш кога растеше, кога со сета наивност голташе се што и се служеше-сите ветувања, неискрени зборови, никогаш неостварени симпатии...

И да не беа тие, каде ќе беше таа? И дали таа старата Мајда, би сакала еден ден сето тоа да заврши во ѓубре? Одговорот го знаеше уште пред да го замисли прашањето.

Ги натна старите тренерки и излитените патики и поита надвор, со купишта стари хартии што немарно ги натутка во неколку црни кеси. Неверојатно многу ја израдува свежиот и влажен воздух и со огромна радост стапна на водениот асфалт. Се упати накај контејнерот, и со победнички залет ги фрли кесите. Една од нив се закачи на ивицата од контејнерот и се искина. Додека истутканите хартивчиња се препелкаа во останатиот смет, ја погледна посветата од една, порано многу драга личност... „Only you can stop you!“ Ова сигурно ќе го запамети. А некако беше сигурна дека не го ни избришала од умот, само малку го беше подзаборавила...

Тоа беше тоа, сосема обично, дождливо утро. Блескаво, фантастично, утро какво што одамна немала...едно свое утро, конечно.

Sunday, January 30, 2011

Стани тоа што си! (...или, „Кога Ниче плачеше“...)

Октомври, 1882 година, Венеција. Кога истакнатиот доктор Јозеф Бројер ќе добие писмо од Лу Саломе во кои инсистира да се сретнат, воопшто не насетува по таа средба дека неговиот живот ќе добие сосема поинаква насока.  Запрепастен од храброста на младата Саломе, не успева да одолее на инсистирањето да се сретне и да му помогне на нејзиниот драг пријател Фридрих Ниче, кој според неа, обесхрабрено и во очај ги одбројува последните денови од својот живот. Интригиран од сликовитите појаснувања на оваа девојка, помалку неволно се согласува на средба со Ниче во Виена, а потеклото на инцијативата за истата мора да остане тајна.
Односот на Бројер и Ниче, иако на самиот почеток го подразбира оној на доктор-пациент, е се само не тоа. Врската помеѓу нив двајца во текот на „терапијата со разговор“ се продлабочува, се менува, се изместува, се прекинува, за повторно да се создаде во еден нов облик, однос на учител-ученик, и попусти се обидите низ редовите да дефинираме кој е едниот а кој другиот...

Првенствено ангажиран да ја разреши мистериозната здравствена состојба на Ниче, Бројер полека сфаќа дека личноста на која и е потребна помош е самиот тој. Очаен да го спречи во обидот да си замине, Бројер го убедува Ниче да остане, првенствено зошто очајно му е потребно неговото присуство во обид да си помогне на самиот себе.

Кога ќе стигнат до точката каде ќе решат дека се тука и овде за да си помогнат еден на друг, под превезот на спроведувањето на една интересна идеја, Ниче ќе го соочи Бројер со темната страна на неговиот карактер, и тука започнува патот на соочувањето со внатрешното Јас, со најдлабоките тајни на сопственото битие, на животната битка со самиот себе, единствената во која нема победник.   

Ова е приказна за плачот на неразбраниот, осамениот и напуштениот Ниче, мислителот кој одважно верува како времето во кое се родил не му припаѓа, оној кој творел, свесен дека ќе остане неразбран уште долго по неговото постоење. Но и приказна за една поинаква димензија на очајот на опасно умните битија, четиво што тешко се „џвака“.

Ова е и роман за себепронаоѓањето, за демоните на духот, и за сопствените интимни битки со нив, и затоа, неизбежно се наметнува императивот кој се провлекува во неколку наврати низ редовите, а кој треба да се потрудиме да го примениме: Стани тоа што си!