MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Friday, June 7, 2013

Дно

Чувствувам дека ти доаѓа
напати да ме оставиш засекогаш
да се свртиш, да избегаш избезумено
говорејќи илјада клетви за она утро
тоа илјадапати проколнато сончево,
тоа кога Нешто сакаше
да извикаме вистини и невистини
перверзни, болни и предолго криени
од оние што туркаат надолу засекогаш

Тогаш ќе зборуваш на јазикот на гневот
твоето јачење ќе разбуди десетици немирни духови
прикована за земјава ќе се молам да ме проголта

Како што исчезнуваш од видот,
секоја една клетва изговорена од истата таа уста што
еднаш шепотеше стварност
секој еден изминат чекор
ќе ме драска додека не ме соголи сосема
додека да стигне до нешто што не постои.
Голо, празно, огромно Ништо.

Таквите клетви најбргу стигаат.
Најмногу болат.
Изговорени од нашето дно.
Знам, сум ги кажала, си ги осетил, се сеќаваш?

Подобро сврти се и изговори ги,
илјада шамари расплескани по образиве
нема да болат колку стотици клетви просаскани зад грб.
се додека гледаме еден во друг, ништо не не стигнува.

Ми текнува:
те изгубив уште додека можеше да ми ѕирнеш внатре
исправен спроти мене
прашувајќи ме каде стоиме

на гнило тло, ти одговарам,
ама не можеш да ме чуеш...

не те гледам.