MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Thursday, November 1, 2012

Лавиринт


Отсонува сон жив, стварен,
морничав, создаден од нејзината стварност,
сон што ја освести и растрепери,
а не може да го разбере целосно.

Тоа што го сети ја вознемири,
беше тоа јасен сон
што го крие одговорот
на она што ја мачи.

Она што и стои на врвот од јазикот,
а не знае да го изусти.

Се најде среде калдрма.
Нерамна и влажна, стара и добра,
калдрма што не ја чекори од одамна.

Оди тешко и полека,
се упатува во правец што не зависи од неа,
насока на еден глас што ја води,
иако едвај го слуша...

Ете ја, стои простум
пред една куќа, позната, необично светла,
како од некој минат сон,
и се чини претходно ја има видено,
но не знае да си објасни каде, ниту како.

Тоа се Јавето и Сонот што одамна се препелкаат во неа
и попусто се обидува да ги скроти.

Наеднаш е внатре, не по своја волја,
туку онаа на гласот,
што станува се потивок,
едвај го слуша...

Чекори со неопислив страв
низ празната внатрешност,
Темнина, а може да види
едно големо Ништо.

Траорна тишина тежи во воздухот,
мириса на затрулени дрва и здив на некој починат
за кој не може да му се сети на името,
а го знае, го чувствува присуството негово.

Гласот се изгуби.

Ја стега шупливоста и празнината на просторот,
А почна да ги прилагодува очите на темнината.

Зачекорува во таа огромна бизарна празнина,
без ниту еден предмет
од кој ненамерно би се препнала

Здогледа скали, се искачи,
а не се сеќава како,
просто се најде на катот
што го криеше најубавиот поглед

на ова измислено место што излегува на вода

Овде веќе сум била, си мисли,
овој поглед го знам,
ја знам оваа вода, овој мирис е поранешен...

Една врата се отвора за да се испречи пред друга,
почнува да чекори низ лавиринт,

од врати што не водат нигде,
што ја враќаат на исто место,
почнуваат да ја гушат...

Се искачува, смогнува сили
уште еднаш да ја види истата онаа вода од порано,
тешко дише...губи здив...

А глеј, одеднаш, скалите имаат смисла,
вратите водат до излезот.

Излезот што конечно го најде. Барем на сон.

Мирисаше на дожд.

Замина исто како што се најде овде...
Со лесни чекори по калдрмата што толку и недостига на јаве.

Од глава не и излегува гласот.
И здивот на некој починат.

Ги знае и двајцата.