MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Tuesday, May 1, 2012

Првата средба

Го гледа како полека и приоѓа, со чекори што ги влече како да сака што подлого да ја држи во неизвесност пред конечно да стигне и нешто да изусти.
А таа таму стои веќе неколку минути, но од мигот кога и падна во видот како се тетерави, некако и годеше таа бавност, и остави време да копнее уште малку. Нека потрае, си помисли. И онака потоа се ќе биде со брзина на светлината: одат на кино, се расфрлаат со претенциозни разговори, по некој бакнеж, некоја претстава, седенки, запознавање со пријатели и пријателки, дружби, излегувања во парови, со текот на времето, гушење. Тогаш ќе запре восхитот и ќе започне монотонијата.

Нема ништо помалку трајно од ова исчекување, од оние неколку мига пред првата средба, кога штотуку си ја забележал личноста во која без никаква причина си внел и премногу надежи, кога ја набљудуваш со некаков сомничав поглед додека ита накај тебе, со попат спремен говор за очигледното доцнење.
Без оглед што е договорена, без оглед што двајцата делуваат спремни за да се случи тоа што „треба“ да се случи, првата средба во себе има шарм што не може да се повтори. Ниту една интимност понатаму, ниту сите длабоко искрени емоции што ќе ги вложуваат, не го имаат во себе оној силен платонски трепет што се јавува кога ќе ја здогледаш силуетата на твојата симпатија што се упатува во твојот правец...

Да, потоа ќе следи првиот бакнеж, и сите други нешта што треба да се случат по прв пат...ама копнежот пред сето тоа да се случи е волшебен. Потоа се може да се расипе штом еднаш ќе почнат силно да чувствуваат, а штом еднаш внесеш емоција, патот станува крајно несигурен. Само ова исчекување е најсилно, зошто е платонско, бестелесно,  духовно и неповторливо!

Се насмевнува, не нему, туку себе, подголтнува во надеж дека горчливиот вкус во устата ќе исчезне токму во првиот миг кога ќе се поздрават. Неговото „здраво“ ќе смени се, ќе ја одведе на нов пат, најпосле, ќе ја изгради својата среќа со него, заедно ќе чекорат низ таа неизвесност, таа случајност што сака да си ја нарече иднина. Редно е да заборави на сите досега, да му се посвети целосно, да не гледа назад и да заспие мирно вечерва кога ќе се врати дома по првиот бакнеж, кога еднаш веќе ќе тргне да се заљуби повторно.

По секоја пропаднат обид за вечна љубов се оптоварува со истата помисла дека нема да сака, нема да се заљуби, нема повеќе да трепери, целата ќе трне, нема веќе да ја лазат морници, но најстрашно од се, ќе нема за кого да сонува...
И секој пат во истот лавиринт на празни изјави, реченици без смисла и шупливите фрази „никојпат нема така да сакам, ова беше еднаш“...
И среќа што било еднаш, помисли. Секако дека нема повторно така да сака. Зошто ќе сака некој друг, сосема поинаков, кој по ништо нема да го спореди со некој минат, нема да се чувствува исто, конечно самата таа нема да биде иста. Нова, веројатно подобра, којзнае.
Сакаме различни луѓе на различен начин, не само затоа што тие се различни, посебни битија, туку и ние самите сме различни со секој од нив. Различно се врзуваме за пријатели, блиски, познаници, и секако, различно љубиме. А тоа секогаш е длабоко правилно, колку и да доаѓа во неправилен облик, малку или малку повеќе чуден (а да бидеме искрени, како да ни е во крвта повеќето нови состојби да ги карактеризираме како „чудни“), во искривена форма, колку и да изгледа тотално несоодветно, тоа е најправилното чувство што може да изрти од суштината на нашето битие.

А сакала таа отсекогаш. Всушност, можеби поправилно е да се рече дека копнее отсекогаш. Поимот симпатија за неа е светост. Симпатијата се памти цел живот, без оглед дали ќе ја наведнеш главата кога ќе помине на улица и во себе ќе се опцуеш што еднаш си дозволила да ти биде тоа, или со нескриен восхит ќе помислиш кого си сакала покрај себе, тоа сеќавање не умира. Штом еднаш започнеш нешто и сето тоа неславно ќе заврши, никогаш повеќе нема да се сетиш дека тој некој ти бил СИМПАТИЈА. Целото платонско чувство одамна е труло.

Помисли на неколку многу драги лица што одамна не и се на видик, а на мисла само понекогаш. За момент во главата режира едноминутен филм, каде главната улога покрај неа, ја има една нејзина поранешна љубов. Ни сама не знае зошто се сети на него (ете само за да ја пополни машката улога; или поверојатно зошто и сега, после толку време чувствува исто) и го постави контекстот, истиот овој што сега се случува, додека потенцијалниот сопатник и понатаму речиси неволно се влечка накај неа. Има време, си помисли, во прашање е само една минута. Така тече филмот, и дозволи на нејзината одамна мината љубов да и се насмевне, се нахрани од неговиот поглед, му украде насмевка, изнуди прекраток незначаен разговор, сето тоа впрочем беше целосно спонтана средба некаде сосема случајно, кога сите мисли што внимателно ги има здиплено во потсвеста во тој момент пропаднаа и остана недоречена...

Низ годините успева да го прегрне стравот од секое ново познанство што има потенцијал да прејде во љубов, а по прегратката и да му погледне во очите. Тогаш сфаќа дека не само што нема од што да стравува, туку треба цврсто да ги стегне тие ситни неповторливи шанси и да ги обликува во нешто трајно. Заради сопствената среќа.

Гледајќи го како и се приближува, се обидува да го запомни овој момент на неизвесност. Веќерва ќе ја бакне, ќе ја испрати дома, за некое време се ќе стане толку интензивно, ќе почнат да се задушуваат од љубовта еден кон друг, ќе си станат здодевни, ќе се истрошат и заморат, на крајот ќе почнат и да се мразат, но таа секогаш ќе го има првиот впечаток, првата илузија и идеја за тој некој, и ќе ја памети. И ќе и се восхитува. Само идеалот за некого останува вечен. А потоа следат разочарувања. Нив ќе ги заборави.