MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Tuesday, May 12, 2015

Единица мерка


Не знам дали има големи и мали љубови
или на едната страна стои Таа - љубовта,
а наспроти - сите лица на привидот.


Прашуваш,
си имала ли само една,
или пар мали што прават една голема?

Молчам.

Велам,
сите мои се големи,
јас ја чувствувам нивната огромност,
или тоа е само мојата,
непрестано растам во нив,
самата станувам Таа.

Сите се магични, единствени и лажно последни,
додека не се распрсне целата таа огромност
во едно бесконечно ништавило,
додека не почнам да го собирам тоа што останува - 
залчиња страст, парченца верност,
трошки внимание, прашина од восхит...

Можеш ли да ја испросиш?
Дури и да успееш, на дланка
ќе ги имаш само Нејзините трошки.


Monday, May 11, 2015

Интимност


Детски срамежливата игра со прамен од моите локни,
погледот што ги раскажува сите одмолчени приказни,
воздржаната воздишка што никако да го крие немирот,
нескриениот копнеж во погледот
што зборува повеќе од се досега изустено.

Што е Таа?

Не доаѓа завиткана во претенциозни изрази,
нема да ја препознаеш во телесната обземеност,
Таа, толку дискретна во својата суштина,
толку совршена во својата едноставност,
се крие во цврстиот стисок на дланката,
во сите ненадејни и меки шепоти,
во бакнежот во чело кога мислиш дека спијам,
во најцврстата прегратка среде ноќ,
од оние што ветуваат вечност.

Таа е сите несмасни обиди да ми кажеш што сум ти.