MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Tuesday, September 28, 2010

За еден поинаков калуѓер...

Иако по „Моќта на потсвеста“ и „Паметни жени, погрешни избори“ (не знам каде ми бил паметот, ама во моја одбрана, бев нешто помалаJ) си ветив себеси дека никогаш повеќе нема да си го дозволам луксузот на залудно потрошено време, во рака ми падна уште еден сличен „бестселер“, па од некаква си љубопитност (или само чиста досада), решив да и дадам шанса на „Калуѓерот што го продаде своето ферари“ од Робин Шарма. Зошто ми требаше ова? Изгледа само за да си го потврдам ставотJ.

Моето скромно мислење се движи некаде во следнава насока. Прво, мислам дека книгите од ваков тип (би дошле нешто како книги за самопомош, мотивациони, инспирирачки..)изгледа одлично „поминуваат“ само на одредени пазари, на пример американскиот, каде голем дел од читателската публика ќе да е гладна баш за ваков вид на литература, чијашто содржина се состои од некакви си правила за подобар живот, мудри мисли и нормално, примери на поединци ос секојдневието, кои од губитници стануваат неприкосновени победници, па подоцна чувствуваат нескротлива желба да го раскажат сопственото патешествие до врвот. А оттаму се изгледа поинаку...

Значи, книгава не е никаков исклучок. Брилијантниот адвокат, кој доживува срцев удар среде судницата, по извесно време се враќа во урбаната џунгла, сосема просветлен, сосема нов човек, и веднаш, нетрпеливо ја споделува животната мудрост што ја стекнал, со својот поранешен асистент. Тоа го смета за своја должност и обврска, нешто што им го ветил на монасите пред да ги напушти, нешто што впрочем бил и условот за да ги спознае сите вештини, да го сподели наученото кога ќе замине. И оттука ова четиво ја добива формата од која стравував – еден бескраен дијалог (всушност, повеќе наликува на монолог) во кој просветлениот адвокат раскажува, мора да признаам, на моменти симпатични приказни, а другиов заинтересирано слуша, повремено прекинувајќи го со одредени прашања. И додека советите, со кои така беспоштедно се расфрла главниот протагонист, се чинат волшебни, отрезнувачки и веројатно сосема спроведливи, не можам а да не ја искоментирам формата, начинот на кој целава идеја е спакувана, а ова ми е воедно и втората поента: книгава нема концепт. А ако има, тогаш е мошне збунувачки! Се се случува многу набрзина, нема конкретен почеток, ниту заплет, се само правила, правила, правила, и совети, секако, расфрлани во една многу едноставна бледа синтакса, малку симболика, и ете го рецептот за „добра“ книга! Впрочем, кој денес има време да се заморува со нешто повеќе? Дајте да се поистоветиме со другите мизерни животи!

Еве, како што го пишувам ова, сфаќам на што ме потсетува четивово цело време. На оние глупави, бесмислени получасовни маркетинг презентации за некаков си супер-супер производ. „Ако се јавите во следните 30 минути, добивате уште еден гратис!“, или „Пробајте и уверете се сами“! Е, токму ваквата нота во книгата просто вади од такт. Главниот лик не споделува мудрост, тој продава производ со етикета: „Вака треба да живеете!“ А кој не би го купил ова, нели?:)

1 comment:

  1. Што очекуваш од еден автор кој има капиталистички mindset. Оди со намера да напише книга, а всушност мисли на маркетинг производ, па оттаму следува и на кој начин ќе биде презентирана приказната во делото, т.е. токму како што ти ја опиша на крајот.

    Затоа читај си класици, најсигурно :)

    ReplyDelete