MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Sunday, November 7, 2010

Исидора

Зборовите и одѕвонуваа во глава...„Биди спокојна, повеќе немаш причини за гнев, Исидора. Не остана ништо од болката која те подринуваше однатре со години. Зошто, повеќе нема никој покрај тебе. Се е готово“.

А токму тоа ја мачеше. Штом некој нагло ќе заминеше од нејзиниот живот, чувствуваше како да се брише дел од неа. Дозволи да се идентификува преку другите, долго време живееше туѓ живот, а дури сега стана свесна за тоа. Секојпат кога ќе посакаше да избрише некого од животот, сфаќаше дека брише дел од себе, од својата суштина. Штом еднаш ќе одлучеше некого да заборави, горливо заклучуваше дека мал дел од неа исто така оди во заборав...

За напуштањето и заборавот...и истите прашања на старата Таа: Од каде ли чувството дека повеќе те напуштаат отколку што напушташ? Што е тоа кај тебе што е неиздржливо?

Сфати...неиздржливото е таа самата. Одамна престана да се обвинува за фактот што ја напуштаат, сега почна да смета дека така е најдобро. Тоа е најдобрата услуга што и ја направија. Со секое заминување, таа растеше за една доблест плус во јадрото на сопственото Јас, за една карактерна црта повеќе. За секое едно „Збогум“, таа насмевнато дочека десетици „Здраво“. Впрочем, помисли таа, има ли поголем подарок од секојдневната неизвесност?

А за тие што ги напушти, одамна нема место ни во умот ни во срцето. Тие можат да живеат само во некоја слика, во албумот што стои на последната полица, бутнат под купиштата стари материјали и скрипти, албумот што кај и да е ќе го фрли...или ќе ги препознае во некој дамнешен подарок што веќе ја изгубил својата вредност и пред да биде подарен, зафрлен во некоја фиока, кој кога и да го здогледа, се прашува зошто веќе не го добил заслуженото место, меѓу отпадоците...

И полека, почна да се обожува себеси. Конечно, подобро да се биде егоист отколку уништувач на сопствената судбина. И онака смета дека егото ќе ја одведе многу подалеку, отколку самосожалувањето, кое ја одведе на места, длабоко во себе, што сака засекогаш да ги заборави.

2 comments:

  1. Секој чекор во непознатото, секоја промена, прави по малку да созреваме. Макар и промената да е фактот што некој близок повеќе го нема.

    Силните личности држат до својот пат, не до патот на другите. Така да, доколку сите патишта бегаат од тој на Исидора, не треба таа да бара спас во егото. That sure is gonna be a lonely road :) Подобро би било да сфати дека, оставањето е составен дел на животот и дека треба да научи да се радува многу повеќе за нечие присуство отколку да жали за нечие отсуство.

    Штета што нема like.... ќе кликнев :)

    ReplyDelete
  2. Исидора има уште многу да учи:) А има уште многу приказни што едвај чека да ги раскаже, само се во свое време, како велат...

    Доста добро срочено, мора да признаам...и да ти заблагодарам :)

    ReplyDelete