MORE POETIC AND SLIGHTLY DIFFERENT DIMENSION OF OUR RANDOM WHISPERS...

Tuesday, October 26, 2010

Сјајот, но и другата страна на Индија

Белиот Тигар е приказна за подемот на Балрам, момчето кое успева да избега од сенките на Темнината и да заблеска среде сјајот на современиот Њу Делхи. Сместена во една интересна нарација во прво лице, оваа приказна се сосредоточува на модерното доба во Индија, каде покрај декаденцијата присутна во секое современо општество, неизбежен е и раскошот на високата класа, како мамец за младите, чии амбиции секогаш се устремени кон врвот. Ова е роман за сјајот и бедата на Индија, но и за падот и отсуството на морал. За тоа колку сме ограничени во остварувањето на своите соништа доколку судбината се поиграла со нас, определувајќи ни го местото на живеење, а со тоа зацртувајќи и многу други животни можности.

Така, Балрам, како и безброј други сиромашни момчиња од Темнината, не може и не знае да бира. Другите бираат за него, другите определуваат што тој ќе работи и што ќе биде. А тоа однапред се знае, постои само една професија за него, а тоа е слуга. Слуга на господарот Ашок. Подоцна и негов личен возач, нешто што го смета за привилегија и благослов. Навидум трпелив и покорен, Балрам не останува рамнодушен на сите неправди кои мора да ги истрпи само затоа што немал повеќе среќа да се роди на друго место и меѓу други луѓе, и полека го собира гневот во себе. Послушно и покорно извршува се што ќе биде побарано од него, скоро помислив, вистински ужива да му ги мие и брише нозете на господарот, да ги извршува најгнасните работи место другите, да ја презеде вината за делото што не го сторил и да оди во затвор наместо својот господар. Тој мошне добро ги познава границите на дозволеното, и со години нема да ги пречекори, барем не во очите на своите господари.

Но, ликот на Балрам еволуира и расте паралелно со гневот што го потиснува во себе, за кога еднаш ќе одлучи да ја земе судбината во свои раце, тргнува по патот од кој нема враќање назад, нема предомислување, пат по кој се губи главата. И токму кога помислив дека нема да остане неказнет за злоделото што го направи, расплетот ме остави подзината...Ама кога подоцна размислував за неочекуваниот тек на настаните при самиот крај на романот, сфатив дека исходот и не е така незамислив, особено не во ваква ера, во која преовладува недостаток на скрупули, каде се си има своја цена-слободата, животот, раскошот по кој толку очајно се копнее...Или речиси се. Останува душата. А можеби и таа е на продажба?

Нарацијата во Белиот Tигар е провокативна, мошне комична, на моменти перверзна и мрачна, но таква е самата Индија, а такви се и ликовите, таков е можеби и сензибилитетот на секој од нас, па веројатно токму затоа и толку растреперува и замислува. Ваква симпатија кон еден типичен негативец немам почувствувано од времето кога ме фасцинираше умешноста со која Шекспир го отслика Ричард Трети, мојот (а верувам и на многумина) најсакан анти-херој од неговите дела.

За овој роман, Аравинд Адига е добитник на Букеровата награда за 2008 година.

No comments:

Post a Comment